Добредојдовте во Бешиште Мариово
Да ги зачуваме нашето село и спомените!

"Милан се враќа во училницата во Прилеп"


 

Откако успешно го завршив осмото одделение во село Бешиште, Мариово, Македонија, моето семејство и јас се преселивме во Торонто, Канада за подобар живот и можностите што ни ги претставуваше. Многу сум му благодарен на моите родители, бидејќи ја видоа вредноста во високото образование. Прилагодувањето на животот во голем и модерен град во нова земја, а исто така и изучување на нов јазик не беше баш толку лесно. Со напорна работа и упорност дипломирав на колеџ со диплома за информатичка технологија и најдов работа во една од големите банки. Кратко потоа, се оженив и станав татко на две момчиња. Како и моите родители, така и мојата сопруга и јас, верувавме во создавање можност за и нашите деца да добијат повисоко образование. Се сеќавам кога мојата сопруга му читаше приказни на нашите деца пред спиење за да можат да сонуваат убави соништа. Јас ќе легнев покрај нив, и се потсетував на моите школски денови кога си легнував во креветот со страв бидејќи ја изгубив маската или не ја завршив работата со тутунот.

 

Во 2006 година, по 35 години во Канада, за првпат се вратив во моето родно место. Училиштето во селото каде што учев беше празно и во многу лоша состојба. Прошетката низ собите ми донесе многу спомени, некои среќни а некои тажни. Од среќните, се сеќавам на мојата желба да научам да читам и пишувам, а тажните спомени ме повратија на тепањето со стапови, ако не ја завршиш домашната задача или ако беше во училиште со валкани нозе. Во мојата авто-објавена книга " Селски живот- детски сеќавања", јас посветив едно поглавје за одењето на школо и како нашите родители му велеа на учителите да направат се што е потребно за нивните деца да се научат да читаат и пишуваат. Се прашував што ќе беше со селото ако повеќето од семејствата не се иселиле. Но, имаше само тишина, освен по некој постар човек кој се кашла или си го чува добиток. Исто така се запрашав каков би бил мојот живот ако наместо да се иселевме во Канада се преселевме во еден од градовите во Македонија. Каков би бил мојот живот во текот на моите средношколски години со друг образовен систем ако живеевме овде. Овие беа прашањата што постојано се прашувам низ целиот мој живот. Долги години сакав да посетам училиште во Македонија и да доживеам живот во училница полна со ученици.

 

За време на моето патување во есента 2016 година, токму на време да го прославам селскиот религиозен празник "Петковден", се сретнав со многу прекрасни луѓе што не сум ги видел уште од моите училишни денови од 1960-тите. Бев многу тажен кога видов дека покривот на училиштето е распаднат. По прославата посетив многу семејства кои сега живеат во градот, но сепак поседуваат куќа во селото. Во куќата на Трајко Еленин се сретнав со една прекрасна жена која се вика Менка Макрева, која работи како секретарка во основното училиште Кочо Рацин во Прилеп. Одкако се запознавме разбрав дека имаме нешто заедничко и се договоривме јас да ја посетам во училиштето пред да заминам од Македонија. Јас бев многу радосен.

 

Рано наутро на 3-ти ноември, стигнав на предниот влез во училиштето и морам да признам дека бев малку нервозен пошто не знаев што да очекувам. Одкако чуварот ми дозволи да влезам, бев однесен на третиот кат, каде што беше канцеларијата на Менка. Се запознав со нејзиниот колега, кој беше многу љубезен и среќен што видел дека странец е заинтересиран за нивното училиште. Менка, исто така, беше многу среќна што бев таму и што се интересирав за нејзиното училиште а беше исто така среќна дека јас и нејзиниот татко го имаме истото презиме.Таа беше многу горда да ми покажи како технологијата на нејзиниот десктоп компјутер со Windows XP ја олеснил нејзината работа. Зад неа на ѕидот имаше распоред на часови објавен за сите оделенија. Поради ограничениот училишен простор тие имаат две смени за сместување на сите ученици. По неколку телефонски разговори отидовме кон училницата на Наташа Мирческа, која предаваше во прво одделение. Учениците низ салоните беа многу љубопитни и постојано гледаа во мене и во целата моја опрема за камерата и во нивната омилена секретарка. Исто така, се запознавме со директорот на училиштето а и тој беше љубопитен и се интресираше за моите камери. Менка објасни зошто сум таму и бев пречекан со отворени раце. По средбата со неколкумина од училишниот персонал бев порелаксиран и со нетрпение очекував да ја запознам г-ѓа Мирческа.

 

Тропнавме на вратата од училницата и г-ѓа Мирческа се претстави, а по поздравувањето знаев дека дојдов на вистинското место. Гледајќи позади неа можев да видам повеќе десетина ученици кои ме гледаа и се прашуваа кој е странецот. Г-ѓа Мирческа ме претстави пред класот. Јас бев пресреќен што бев таму, гледајќи го овој прекрасен и невин ученик од прво одделение, кој ја носи истата униформа како што носев и јас, а на кој мајчин јазик му е Македонскиот. Се потсетив уште еднаш на моите училишни денови. Наставничката со нејзиниот тивок и мирен глас ги праша учениците што можат да му покажат на својот гостин кој е дојден од Канада. Тие извикаа многу гласно дека сакаат да играат игра која вклучува броење и користење на подот. За неколку минути сите клупи беа турнати настрана, така што имаше доволно простор за играта. Потоа наставничката пред да ја започнат играта му најави дека сакам да направам групна фотографија. Многу ми беше забавно додека децата се местеа за фотографијата, повторно се осетив како дете. Сликата подолу вели дека е така.

 

Ја поставив филмската камера на статив и почнав да ги снимам децата каде што ја играат нивната омилена игра со музика од лаптопот на наставничката. Сè што можев да мислам во тоа време беше каков прекрасен момент е тоа. Во средината на собата, г-ѓа Мирческа му помагаше на децата со следниот чекор, а јас и Менка се гледавме еден со друг потсмевајќи се и заблагодарувајќи и се за ова прилика. Според мојата снимка , целата игра траеше повеќе од 45 минути, но за мене ми се чинеше како тоа да беше само пет минути, неверојатно квалитетно време со деца и двајца професионалци кои беа многу среќни да ме примнат мене и да ја прифатат мојата возбуда што сум таму. По играта собата беше вратена во оригиналната состојба и сите деца седеа во нивните клупи насмеани. Г-ѓа Мирческа ми ги напиша нејзините контакт информации на едно книже и стоејќи пред часот им се заблагодарив на сите за топлото гостопримство. Им реков дека никогаш нема да го заборавам овој ден и дека тие се многу среќни што ја имаат г-ѓа Мирческа како наставник по математика.

 

Како заклучок, ова беше еден од поважните моменти од моето патување и се надевам дека еден ден во блиска иднина можеби пак ќе се вратам и ќе ги сликам сите. Исто така, од дното на моето срце сакам да и се заблагодарам на г-ѓа Наташа Мирческа за нејзината љубезност, нејзиното топло гостопримство и за одвојување на времето за исполнувањето на уште една од моите желби. И на крај, благодареност до мојата добра пријателка Менка што ми го овозможи сето ова. Ти си навистина личност со достоинство.

 

Напишано од: Милан Врглески mvrgleski@gmail.com
Превод: Неда Илиевска

 

 

no pictures

no pictures

no pictures

Авторски права @ 2011 - 2017   www.besiste.com   Сите права се задржани.

Контактирај ме |  Посети |  галерија Патувања  |  Логирате

 

Последно ажурирање: September 16, 2017